Заклучоци, мерки и препораки на Владата на Република Северна Македонија, со цел превенција од ширење на корона вирусот

12.03.2020 16:49

Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на корона вирусот на целата територија на Република Северна Македонија.

Да се прекине со воспитно-образовниот процес и наставата во сите детски градинки, центри за ран детски развој, дневни центри, основни и средни училишта во наредните 14 дена, а вработените лица во овие институции да бидат ослободени од работа во овој период.

Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа,  како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми, кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение, за кое е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и неговото отсусттво во овој период да биде евидентирано како оправдано. Овој заклучок се однесува и на самохраните родители. Родителите на деца кои не посетуваат градинка или не се вклучени институционално во воспитно-образовниот процес, не се ослободени од работа и извршување работни обврски.

Вработените лица кои ќе користат оправдано отсуство, согласно донесените заклучоци, мерки и препораки на Владата, треба да достават доказ/потврда за основот на користење на оправданото отсуство, и тоа: потврда издадена од детската градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од матична книга на родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство.

 

Во следните 14 дена:

да се прекине со посета на сите вонучилишни активности, како посета на курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи,

да се прекине со наставата во високо-образовните установи и јавните научни установи,

да се прекине со работа на библиотеките, студентските и училишните домови, а вработените во овие институции да бидат ослободени од работа во овој период,

да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации со над 1 000 учесници, а оние со помалку од 1 000 учесници, се препорачува да не се одржуваат.

Во следните 30 дена да се забрани присуство на гледачи ( публика ) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија.

 

Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави во период од 14 дена, согласно листата на Светската здравствена организација.

Да се препорача избегнување патувања во земји кои се од висок и среден ризик.

 

Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон нашата земја.

 

Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа,  како и се препорачува на приватниот сектор, времено да ги ослободат од работа и работни активности бремените жени и хронично болните лица. Овие лица да останат во своите домови.

Да се препорача на возрасните и на високо ризичните категории граѓани со хронични болести, да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз. 

 

Се утврдуваат следните категории на лица кои треба да бидат ослободени од работа и работни активности врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби:

Хронични респираторни заболувања

Тешки кардиоваскуларни заболувања

Дијабет – ТИП 1

Малигни заболувања и

Имуно-компромитирачки состојби.

Се задолжува Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, да подготват и да достават листа со дијагнози во врска со овие здравствени состојби.

 

Вработените лица во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за здравство и во Министерството за одбрана, потоа Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица,  да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.

 

Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест упатени од Министерството за здравство.

Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат и ќе ги прекршуваат препораките , да бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

 

Се препорачува на ЈП МРТ, редовно, на дневна основа, преку телевизиските канали и на Собранискиот канал да ги емитува (објавува) сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија, како и прес конференциите на оваа тема, со цел превенција од ширење на корона вирусот.