Дел од заклучоците, мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија, со цел превенција од ширење на корона вирусот

12.03.2020 16:51

Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на корона вирусот на целата територија на Република Северна Македонија.

Се задолжува Министерството за здравство, телефонскиот број на АЛО ДОКТОРЕ, да го пренамени во CALL-центар со зголемен капацитет, за да дава информации за болеста COVID-19 ( корона вирусот )

Сите воспитно-образовни институции да воведат ротационо дежурство, со цел издавање потребни потврди и други документи.

Се задолжува Министерството за здравство, преку центрите за јавно здравје и во соработка со единиците на локалната самоуправа да изврши дезинфекција на сите детски градинки и училишта на територијата на Република Северна Македонија.

Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на граничните премини при излез од земјава, особено контролата на автобускиот превоз и крајната дестинација.

Се задолжуваат Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, и АД М-НАВ Скопје, веднаш да воведат health locator карта за сите летови и за сите авиокомпании.

Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство на сите гранични премини.

Се задолжува Министерството за внатрешни работи, преку службите за внатрешна безбедност во органите на државната управа каде има припадници на Министерството за внатрешни работи, да не дозволуваат влез на странки без претходно да биде извршена нивна дезинфекција.

Се задолжува Министерството за внатрешни работи да објави соопштение во кое ќе се наведе дека ќе се преземат соодветни мерки за сите лица кои преку социјалните медиуми објавуваат невистини за оваа тема, како и за медиумите што ги пренесуваат таквите дезинформации.

Економските ресори на Владата будно ја следат состојбата во економијата и стопанството преку домашните економски и финансиски институции, како и Светската банка, и врз основа на направените анализи, доколку е потребно, ќе воведат соодветни мерки.

Да се забрани економските оператори и производители од Република Северна Македонија да извезуваат медицинска опрема и медицински средства и материјали, освен со посебна дозвола што ја издава Министерството за здравство.

Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа,  како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми, кои користат оправдано отсуство согласно донесените заклучоци, мерки и препораки од Владата, до надлежните организациони единици за човечки ресурси во нивните институции, да достават своја лична писмена изјава под морална, материјална и кривична одговорност, дека во секое време ќе бидат достапни на работодавачот за вршење на службени работни задачи од својот дом, преку комуникација со електронска пошта, или пак, во текот на денот, во итни ситуации, да бидат и физички на своето работно место, во период од два до три часа.

Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа,  како и се препорачува на приватниот сектор, да ги откажат сите настани, патувања, собири, обуки, семинари, конференции и друг тип средби, како и да преземат активности за одржување на хигиената на највисоко ниво и да воведат во институциите средства за дезинфекција. Исто така, преку соодветните организациони единици за човечки ресурси, со цел навремено запознавање, овие препораки треба да бидат доставени до сите вработени.

Повторно се упатува препорака до приватниот сектор во однос на сите донесени заклучоци, мерки и препораки од Владата за момнталната состојба.

Се укажува на Државната изборна комисија, да ги ослободи вработените од јавните здравствени установи од учество во сите активности за потребите на изборниот процес.

Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест упатени од Министерството за здравство.

Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат и ќе ги прекршуваат препораките , да бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Редовното информирање за заклучоците, мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија ќе се врши преку Секторот за односи со јавност на Владата.

Се препорачува на ЈП МРТ, редовно, на дневна основа, преку телевизиските канали и на Собранискиот канал да ги емитува (објавува) сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија, како и прес конференциите на оваа тема, со цел превенција од ширење на корона вирусот.