Граѓаните од 16 часот во продолжен викенд карантин
Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено...
Забраната за движење на населението денеска почнува од 16 часот и ќе трае до понеделник до 5 часот. Со ова почнува 61 часовен карантин за сите граѓани на територија на целата држава.
Согласно одлуката на Владата, а со цел спречување на ширење на коронавирусот, полицискиот час во текот на работните денови почнува од 16 до 5 часот, додека за време на викендите на граѓаните им е целосно забрането движењето.
Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.
Исклучоците важат за вработените лица во МВР, припадниците на Агенцијата за национална безбедност, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, противпожарните територијални единици, Царинската управа, земјоделските лица и фармери кои работат и се движат во атарот на руралните средини и оние кои одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности за одгледување на истите во овој период, млеко производителите, како и другите лица и институиции опфатени во исклучоците за овие мерки и забрани, соопшти Владата.
Маркетите и викендов треба да го прилагодат своето работно време согласно забраните за движење на територијата на државата и непречено да го организираат работниот процес. Штабовите треба да го организираат движењето на лицата волонтери што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните.
Забраната, како што истакна вчера министерот за здравство, Венко Филипче, ќе важи и за време на претстојните верски празници.
