И властите и Црквата апелираат да се почитуваат превентивните мерки за Велигден
Премиерот Спасовски нагласи дека Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велиденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје. И црковните лица апелираат да се почитуваат мерките за ред и пристапување, да не се прави групирање на повеќе луѓе, да се задржува потребното растојание и верниците да носат средства за заштита...

Во пресрет на Христовото воскресение – Велигден, премиерот Оливер Спасовски апелираше да се почитуваат мерките на Владата, да нема собири и најголемиот христијански празник верниците да го минат во кругот на семејството, а црковните лица најавуваат литургии со ограничен број на луѓе во црквите, а останатите да стојат надвор од храмовите на дефинираната раздалеченост едни од други и заштитени со маски и ракавици.
Премиерот Спасовски во порака на Фејсбук нагласи дека Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велиденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин и дека тие важат за секого.
Четерисетдневниот велигденски пост ќе го завршиме со личен подвиг во кругот на нашето семејство и во нашите домови. Велигденските пораки за победата над смртта ќе ги упатиме од дома. Преку телефон, преку интернет, секој од своето семејство, од својот сопствен дом, а не собрани по роднини и гости. Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме ЖИВОТ. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас – никој од нас нема право да загрози туѓ живот – а живот нема да загрозиме ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме вирусот кој му се закани на целото човештво. Народот и државата можат заедно да го спречат ширењето на вирусот, порача премиерот Спаосвски.
Тој нагласи дека секоја од одлуките која се носат во овие услови е со цел да се помогне во заштита на здравјето и животот на граѓаните и колку и да се тие одлуки тешки одлуки, сепак се носат за да би дале најбрз можен ефект. Апелираше да се почитуваат мерките, да нема никакви собири и големиот христијански празник Велигден, да го поминеме во кругот на семејството.
Со слични пораки излегоа и црковните лица, кои подготвија и посебна програма за празнувањето на Велигден во услови на вонредната состојба, која предвидува секојдневни литургии, но со ограничен број на верници, а останатите да стојат надвор од храмовите на дефинираната раздалеченост едни од други и заштитени со маски и ракавици.
Црковните лица велат дека се свесни за состојбата со пандемијата која го измачува целиот свет, како и нашата држава, па затоа оваа година празнувањето на спомен денот на Христовата крсна откупителна жртва и Неговото Воскресение ќе биде прилагодено во однос на реалноста со која се соочуваме.
Поради избегнување на масовно собирање, на богослужбите в недела и в понеделник ќе учествуваат само свештенослужителите. По богослужбите храмовите ќе бидат отворени за посета, поклонение, индивидуална молитва, принос.
При тоа црковните лица апелираат да се почитуваат мерките за ред и пристапување, да не се прави групирање на повеќе луѓе, да се задржува потребното растојание и верниците да носат средства за заштита.
