Образование

Со посебни протоколи за заштита почна уписот на првачињата

01.06.2020 14:27

Училиштата во земјава ги отворија вратите за упис на првачиња. Тестирањата се според строго предвидените протоколи, во различни училници и во временски интервали од 20 до 30 минути. Децата доаѓаат само со еден родител, а уписот ќе трае до крајот на јуни…

Шестгодишната Каја од септември ќе биде прваче. Со нетрпение го очекува првиот училишен ден. Со маска на лицето чекаше да ѝ дојде редот кога мајка ѝ ќе ги поднесе нејзините документи за да стане дел од листата на новите ученици.

Новата генерација која чека да се описмени е пред неизвесност, дали корона кризата ќе им дозволи да го слушнат ѕвончето на време. Училишната администрација во поинакви услови и со посебни протоколи од денес го почна уписот за првачињата. Дозволено е присуство само на еден родител кој задолжително треба да носи маска и ракавици.

Во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопски Аеродром тестирањето тече непречено. Во зависност од бројот на првоодделенците тестирањата се закажани во интервали од 20 до 30 минути.

Уписот во основните училишта ќе трае до крајот на месец јуни. Најголемиот број училиштата во сите општини почнуваат со тестирања на првачињата од денес, но, некои од безбедносни причини вратите на училиштата ќе ги отворат дури во среда на 3-ти јуни.

Дијана Ценевска