Заев: Изборите на 5-ти јули се реалност
Лидерот на СДСМ Зоран Заев дециден. На 5-ти јули мора да има избори, а институциите мора да бидат целосно функционални...
„Повеќе нема отстапки, изборите не се тема. Ќе се одржат на 5 јули, бидејќи се работи за здравјето на граѓаните, а на земјава и се потребни функционални институции“, порача претседателот на СДСМ. Заев потврди дека каналот за комуникација со ВМРО-ДПМНЕ е прекинат. „Бевме блиску, но договор не постигнавме“, рече првиот социјалдемократ. Според него, повторно прогласување полициски час не е решение.
„Лудост е на црн понеделник да се зборува за избори“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, тоа претставува фатална ненормалност, а Заев со предизборните активности станува извор на коронавирусот. За ВМРО-ДПМНЕ, неодговорно е во време на раст на бројот на заболени да се нафрлаат датуми за избори.
По последниот состанок на Советот за безбедност, спикерот Џафери посочи дека ако политичките челници не најдат заеднички јазик за изборите, датумот ќе го одредат институциите.
Миле Ристески
