Завршни зборови на одбраната за случајот „Рекет“
Бранителот на Бојан Јовановски, Сашо Дуковски, побара од судот пресуда со која неговиот клиент ќе се ослободи од обвинение по двете точки. Во завршните зборови кои траеа скоро три часа, рече дека нема ниту еден доказ против Боки 13. Не се вештачени мобилните телефони, како и дека обвинението се темели само врз исказот на оштетениот Орце Камчев кој го фингирал целиот случај за да се извлече од постапката против него во „Империја“...
Ослободителна пресуда побара за својот клиент Бојан Јовановски, адвокатот Дуковски. Според него, судењето за „Рекет“ е брутална политичка постапка. Процесот не е ништо друго освен забава за замајување на народот, селекција на докази од Обвинителството, недавање на увид изјави на сведоци, нецелосни и незавршени вештачења и обвинение кое почива на изказ на оштетениот сведок Орце Камчев кој има интерес за тоа, рече во завршните зборови Дуковски.
Видовме снимка од цели пет секунди, на која се гледаат банкноти од по 50 евра. Потоа како на филм на Стивен Спилберг се гледа како обвинетиот излегува со таа торба лесна како перце. Според Европската банка, еден милион евра во банкноти од по 50 евра би тежел 22 килограми и би требало да биде сместен во голем куфер. Според мои проценки, додаде Дуковски, таа торба би требало да тежи 18,5 килограми.
Според одбраната на Боки 13 недозволива е и измената на обвинението на Русковска. Невозможно е Јовановски да трошел пари за некое дело од 2017-та кога во диспозитивот стои дека истрагата за „Империја“ е почната 2018-та година.
Првобвинетиот Јовановски, пак, рече дека ќе ја отвори Пандорината кутија и ќе каже сè, па макар и како што кажа, да го самоудават во кофа во Шутка. Ја нема обвинителката која сакаше да биде Катица Јанева, а јас сум како Тито. Тој покажа големи фотографии со осудениот Зоран Милевски-Кичеец, кого го нарече агентот провокатор, како седи во ноќни локали со актуелни директори.
Фиљана Кока
