Филипче: Воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки ќе зависи од развојот на настаните
Седум мртви, 89 заболени и 17 оздравени. Загрижувачки бројки од последното деноноќие. Најмногу позитивни во Скопје и во Штип. Министерот Филипче уверува- најголемиот број се со лесна клиничка слика, здравствениот систем може да се избори со овој бран...
Осумдесет и девет новозаболени и седуммина починати од коронавирус во Македонија во последните 24 часа. Најголем број на заболени има во Скопје, потоа во Штип, а на трето место е Куманово. Шестмина од починатите, битката со короната ја изгубија во болницата „8- ми септември“, а едно лица почина на Инфективната клиника во Скопје.
Министерот за здравство Венко Филипче информира дека воведувањето на дополнителни рестриктивни мерки ќе зависи од развојот на настаните во следните денови. Во однос пак на олабавување на дел од мерките, како отварање на границите или градниките, ќе се дискутира на крајот од неделава.
Филипче инфомираше и дека 70 проценти од новозаболените се од веќе познати кластери и дека состојбата во Сарај се нормализира, додека интензивно се работи во Чаир и во Студеничани. Тој апелираше сите да се придржуваат до мерките како и тоа целосно и вистинито да ги даваат потребните информации на надлежните, за да не се доведуваат во опасност себе си и другите.
