Метеж пред маркетите пред 80- часовниот карантин
Редици пред маркетите откако Владата најави 80 часовен катрантин за четири градa низ државава. Владата донесе одлука за полициски час во Скопје, Тетово, Куманово и во Штип кој почнува вечер во 21 часот, и ќе трае до понеделник во 5 часот изутрина. За другите градови, забраната за движење е од утре од 16 часот до 5 часот изутрина наредниот ден, со исклучок на денешниот, кога полицискиот час почнува во 21 часот...

На неколку часа пред полицискиот час пред продавниците за храна повторно редици. Граѓаните уште од изутрината во обид да купат сѐ што е потребно за наредните три дена.
Долги редици пред маркетите, преполни торби - слика од главниот град пред повторното ограничување на движењето на граѓаните кое ќе трае до понеделник до изутрина. Се купуваше брашно, шеќер, масло, замрзнати производи што траат подолго. Ситуацијата на ограничено движење поради заштита од корона вирусот ги прави несигурни и им создава дополнителна психоза, велат граѓаните.
„Јас само што дојдов, поради состојбата се чека подолго време.“
„Чекаме не толку долго, едно 10 минути, но после нас за брзо време се направи редица. Ги свртевме сите маркети, барем во Аеродром, многу поголеми редови има, мора да се снајдеме. Набрзина беше кажано се, тоа е тоа.“
„Тинекс немаше леб, ни рекоа дека од Жито Лукс не донеле. Затоа се снаоѓаме од друго место.“
„Уште од сабајле гледам дека редици има, до кога ќе чекаме не знам, важно треба да се набават продукти за три дена“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
И на зелените пазари раздвижено, зголемена продажбата на овошје и зеленчук.
„Нема леб никаде, не знаеме што ќе правиме, ова е катастрофа, се е скапо... Ваква корона не сме виделе.“
Социјалната дистанца и носењето маски беше воочливо пред секоја продавница. На влезовите редари кои ги дезинфизираат рацете на купувачите кои влегуваат контролирано, бројката одредена според големината на објектот.
Дијана Ценевска
