Променливото време ги намали гужвите во Охрид

06.06.2020 16:43

Променливото време со повремени врнежи од дожд го одбележа вториот ден од продолжениот празничен викенд во најголемиот македонски туристички центар-Охрид. Тоа придонесе да се намалат гужвите низ Охридската чаршија, шеталиштата, продавниците, а празни останаа и излетничките места. Тоа сепак не придонесе да се наполнат летните тераси на угостителските објекти што покажува дека граѓаните се уште се внимателни и загрижени за своето здравје.

За разлика од вчера кога чаршијата, градскиот кеј и шеталиштата долж езерото беа преполни со гости и граѓани на Охрид, а пред маркетите се создаваа гужви, денеска сликата во градот беше поинаква, далеку порелаксирана.

Нестабилното и повремено врнежливо време во текот на денешниот ден на голем број гости и охриѓани им ги поремети плановите да посетат дел од излетничките места долж езерското крајбрежје и во Националниот парк „Галичица“.

Дел од граѓаните останаа дома, а оние што излегоа имаа поинаков однос кон мерките за заштита по зголемените контроли од полицијата.

„Ние и онака ќе дојдевме, независно од целата ситуација. Има делови од Скопје кои што се да речам зони на инфицирани луѓе, но тоа се држи под контрола. Задоволни сме и од рестораните и од услугата, од целиот Охрид, од езерото.“

„Па добро е, со заштитни маски се шетаме, се дружиме на одредени места, локации“, велат гостите што ги анкетиравме.

Во текот на овој празничен викенд ретко кој сопственик на угостителски објект е задоволен од посетеноста, но по почетокот на летото очекуваат подобрување на состојбите.

„Тешко е, но мора да бидеме свесни и ние дека таква е состојбата во сите сектори. Ние сме малку повеќе погодени од другите, но летната сезона е на праг и со ограничени услови јас мислам дека сепак ќе успееме оваа година да ја истуркаме со што помалку загуби“, вели Митко Пендов-угостител.

„Иако не се надевавме дека толку ќе биде слаба посетеноста, сепак испадна полоша од очекувањата. Меѓутоа се надеваме дека ќе се подобри“, рече Павел Ванкоски- угостител.

И после се некои од угостителите се оптимисти. Доколку здравствената криза заврши , а во текот на септември и октомви дојдат странски туристи велат дека има шанси 2020-та да ја заокружат на позитивна нула. На зарабтотка ќе размислуваат од наредната година.

Сашо Нелоски