Нов Зеланд прогласи крај на пандемијата
Нов Зеланд прогласи крај на пандемијата. Јужна Америка бележи значителен раст на заразени со Ковид- 19. Најголемиот број се регистрирани во Бразил. Во Велика Британија од денеска стапуваат на сила новите правила. Секој кој влегува во земјата мора да оди во изолација 14 дена...

Нов Зеланд нема активни случаи на коронавирус, соопштија здравствените власти во земјата откако од карантин излезе и последниот пациент. Премиерката Џасинда Ардерн соопшти дека земјата ќе ги укине сите мерки, освен оние на границите.
Од полноќ се укинуваат мерките за физичко растојание, а вонредната состојба од ниво 2 преминува на ниво 1.
Јавните и приватните настани, продавниците и угостителските објекти, како и целиот јавен превоз продолжуваат нормално со работа.
„Иако сега сме во побезбедна, посилна позиција, сепак нема да биде лесно да се вратиме на животот пред Ковид-19. Го зачувавме нашето здравје со одлучност и истрајност, а сега треба да се фокусираме на економското закрепнување“, изјави Ардерн.
На Нов Зеланд живеат околу пет милиони луѓе кои се изборија со пандемијата.
Коронавирусот брзо се шири во Јужна Америка
Јужна Америка бележи значителен раст на случаи на заразени со коронавирус, при што најголемиот број се регистрирани во Бразил.
Смртноста од коронавирусот во светот достигна 400.000. Бројот на смртни случаи поврзан со Ковид-19 за само пет месеци е еднаков на бројот на луѓе кои умираат годишно од маларија, една од најсмртоносните заразни болести во светот.
Бројот на заразени изнесува околу 7 милиони, од кои 2 милиона, се во САД. Латинска Америка е втора со над 15% од случаите. Првиот смртен случај на Ковид-19 беше пријавен на 10 јануари во Вухан, Кина.
Велика Британија воведува нови правила
Во Велика Британија од денеска стапуваат на сила новите правила според кои секој кој влегува во Велика Британија мора да оди во изолација 14 дена.
Казната за непочитување е до 1.000 фунти. Законот е донесен за да се спречи втор бран на коронавирусот. Сепак, некои бизниси предупредија дека тешко ќе бидат погодени од правилата.
Марина Ристова
