Битола

Доајенката на инфектологијата активна во пандемијата

08.06.2020 10:00

За здравствените работници веројатно малку е јавната благодарност. Инфектологот од Битола, Ели Димитровска со четиридеценски стаж во локалната болница никогаш не претпоставувала дека на залезот на кариерата ќе се соочи со вирусно заболување кое е предизвик за светското здравство...

Четири децении посветени на инфектологијата. За битолскиот инфектолог примариус д-р Ели Димитровска педизвиците биле големи. Учествувала на многу заразни болести кои се јавувале во епидемиска форма. Се присетува на деновите кога се справувале со туберкулозата, епидемиите на тифус и паратифус кога битолското подрачје важеше за ендемско. Скафандерот не е нешто непознато за неа. Го користела уште пред десетина години кога се соочувавме со светската епидемија на свински грип.

За нас инфектолозите секоја епидемија е предизвик. Секоја болест има своја тежина, свои компликации и ситуации кои се непредвидливи. Но, сепак како што вели, актуелниот корона вирус е нејзиниот досега најголем предизвик токму на залезот на работниот век.

Со возраста и искуството е столбот на Регионалниот ковид центар. Жали што во моментот има само тројца колеги. Од сѐ срце апелира до младите доктори да специјализираат за инфектолози, како во догледно време би се надминал дефицитот од овој медицински кадар.

 

Стевче Митревски