Османи: Потребен е консензус за ЕУ како наднационален интерес

08.06.2020 12:50

Европската комисија деновиве ќе ја објави првата нацрт- верзија на преговарачката рамка со земјава. Потоа следува процес на усогласување на позициите на членките на Унијата. Во пресрет на новиот чекор на евроинтеграцискиот пат, вицепремиерот Османи ги повика партиите да постигнат консензус. Ќе иницира лидерска средба кај претседателот Пендаровски, меѓудругото и за координиран настап со шефот на државата...

Брисел до среда ќе ја објави првата нацрт- верзија на преговарачката рамка со Скопје, којашто ќе им биде доставена на земјите- членки на Унијата за разгледување во рамки на телата на Советот на ЕУ. До крајот на месецот, во рамки на хрватското претседателство, се очекува верзија која ќе ги вклучи и првичните ставови на членките на ЕУ, по што процесот продолжува во рамки на германското претседателство, информира вицепремиерот за европски прашањњ. Османи повика на изградба на општествено- политички консензус за приоритет на европските интеграции како наднационален, натпартиски и стратешки интерес на државата и на сите граѓани.

Додека се очекува преговарачката рамка, во Секретаријатот за европски прашања влезе коронавирусот. Позитивни на Ковид- 19 се двајца вработени во СЕП.

Османи апелираше до сите институции кај кои има појава од Ковид- 19, веднаш да се определи ковид- организатор што ќе ја раководи и спроведува целата состојба со пандемијата.

Елизабета Кузмановска