Чулев: 5.397 лица го прекршиле полицискиот час, 1.777 не носеле заштитна маска

08.06.2020 14:23

Во продолжениот викенд полициски час на ниво на целата држава биле регистрирани 5.397 прекршувања на забраната за движење. Регистрирани се и 1.777 прекршоци за неносење заштитна маска. Министерот за внатрешни Чулев вели дека полицијата добро ја завршила работата, а граѓаните генерално ги почитувале мерките.

Полицијата за продолжениот викенд- полициски час имаше зголемен обем на работа, но наместо да биде валоризирана нивната посветеност, таа се злоупотребува во политички цели од страна на власта, вели министерот за внатрешни работи. Чулев апелираше до јавноста да се воздржи од неосновани напади кои како што кажа, само ѝ нанесуваат штета на полицијата.

За време на 80-часовната забрана за движење регистрирани се 5.397 прекршувања, од нив 340 се во Скопје. 1.777 граѓани, не ја почитувале уредбата за задолжително користење на заштитна опрема. Најголем дел од нив во Струмица, каде се забележани 417 непочитувања. По Струмица е Охрид, каде 356 граѓани не носеле заштитна опрема. Откако е воведена задолжителната мерка, вкупно 8.188 граѓани не ја почитувале, информираше министерот за внатрешни работи. Полицијата заедно со инспекторатот ангажирана и во контрола на работата на угостителските објекти.

МВР ги добило снимките од безбедносните камери од угостителскиот објект на улица Боемска, кадешто беше присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Министерот Чулев вели дека сѐ уште се вештачат. За правното лице беше поднесена кривична пријава за непочитување на протоколите за работа.

 

Александра Спировска