Дезинфекција на јавните површини во Охрид по продолжениот празничен викенд
Во Oхрид од утрото се врши дезинфекција на улиците, јавните површини и зградите. По празничниот викенд градот се испразни, а дел од граѓаните посочуваат дека можеби не требало да се дозволи доаѓање на лица од општините каде што има поголем број заразени од Ковид-19...

По продолжениот празничен викенд Охрид денеска пулсира во вообичаениот ритам. Од неколкуте илјади гости во градот останаа мал број посетители, претежно пензионери и лица кои користат годишни одмори, а на охридското крајбрежје поседуваат станови или викендици.
Утрото после 5 часот реки возила заминаа кон Скопје и другите македонски градови. Веднаш потоа започна дезинфекцијата на улиците и јавните површини.
По наредба на општинскиот кризен штаб ќе се врши дезинфекција и на стамбените објекти на територијата на општина Охрид.
„Дезинфекцирањето започна околу 7 часот со дезинфекционо средство Визентол. Тоа е всушност концентриран раствор за дезинфекција на површини. Дезинфекцирањето ќе трае и во наредните денови, додека не ги поминеме сите. Денеска започнавме од центарот, меѓутоа додека не ги поминеме сите села и населени места и периферијата на градот“, вели Љупчо Грданоски- директор на ЈП „Охридски Комуналец“.
Охриѓани се задоволни поради дезинфекцијата бидеќи низ градот деновиве циркулираа голем број луѓе.
„Добро е, се е добро што се дезинфицира, но треба да се почитува, да се носи маска, да не се доближуваме човек до човек, да не се собираме.“
„Одлична работа, само можеби треба редовно, секогаш можда треба. Сега како што се покачи бројот на заболени можеби е подобро секогаш“- велат жителите што ги анкетиравме.
Дел од граѓаните на Охрид се видно вознемирени поради тоа што голем број од гостите дошле од места каде што има жаришта со Ковид-19. Велат дека резултатите од тоа ќе ги знаеме по седум или четиринаесет дена.
Сашо Нелоски
