Пендаровски утре ќе ги соопшти ставовите за вонредната состојба, за свикување лидерска средба и за изборите

11.06.2020 14:15

Од Кабинетот на претседателот посочуваат дека тој во утрешното обраќање ќе одговори на многу прашања кои деновиве се отворија во јавноста, а се однесуваат на состојбата во земјата поврзано со кризата со коронавирусот...

Претседателот на државата Стево Пендаровски утре во претпладневни часови ќе има обраќање во кое ќе ги соопшти своите ставови во врска со вонредната состојба, свикувањето нова лидерска средба, како и за одржувањето на изборите, пренесува МИА.

Од Кабинетот на претседателот посочуваат дека тој во утрешното обраќање ќе одговори на многу прашања кои деновиве се отворија во јавноста, а се однесуваат на состојбата во земјата поврзано со кризата со коронавирусот односно дали ќе има седница на Советот за безбедност и нова вонредата состојба, што исто така се поврзува со одржување на предвремените парламентарни избори.

Нема одговор дали ќе има лидерска средба за датумот за избори и се упатува на утрешното обраќање на Пендаровски, по кое треба да биде појасно како ќе функционира државата во иднина и кои чекори ќе бидат преземени и од страна на владејачките СДСМ и ДУИ, и од опозцијата. Засега нема консензус за датум за парламентарни избори.

Претседателот Пендаровски, последната 14-дневна вонредна состојба, која требаше да помогне за реализација на мерките за справување со корона кризата, ја прогласи на 30 мај, а истекува в сабота на 13 јуни.