Променливо време и во наредните денови

11.06.2020 17:16

Времето ќе биде променливо и во наредниве денови, велат од УХМР. Наизменично ќе има сонце и обилни дождови...

Променливото време го наметнува прашањето што ни е попотребно – очила за заштита од сонце или чадор за заштита од дождот. МТВ открива кој предмет ќе ни биде попотребен во наредниот период.

А, одговорот е и тоа и тоа. Од Управата за хидрометеоролошки работи во разговор за МТВ велат дека иако викендов времето ќе биде постабилно, при почетокот на следната недела повторно не очекува променливо време и поројни дождови.

Променливото време е карактеристично за овој период, но вредностите на температурата се под просекот. Од УХМР ценат дека сепак, дождот е добредојден бидејќи долго имавме сушен период.

Метеорологот Костадинка Арсовска вели дека постои ризик од непогоди, поројни дождови, град и силен ветар, но сето тоа би било во рамките на нормалата.

За временските прилики во јули и август рано е да се каже, но и покрај очекуваните високи температури, не се исклучува можноста за повторна појава на нестабилно време.

 

Марија Котовска