Нови 175 случаи на Ковид-19, најмногу во Скопје

11.06.2020 16:43

И денеска висок број нови случаи на Ковид-19 во земјава. 175 од 971 тест. Петмина починаа. Во болниците се лекувааат околу 200 пациенти. Групните собирања го поттикнале ширењето, тврди министерот Филипче. Голем проблем за здравствениот систем е и тоа што многумина кријат дека биле во контакт со заболен, како родилката што се претставуваше како докторка и заврши на Инфективна...

Коронавирусот во земјава не стивнува. Нови 175 случаи се регистрирани во изминатото деноноќие. Починале петмина пациенти. Најмногу инфицирани има во главниот град, по општини предничи чаир, таму бројката надмина 200. Граѓаните не ја почитувале забраната за групирање, семејна веселба во Охрид и свадба во Скопје направиле големи проблеми во ширењето на вирусот.

Се полнат и болниците, но капацитетите не се загрозени- уверува министерот. На инфективните одделенија низ земјава се лекувааат околу 200 пациенти. Голем проблем за здравствениот систем е тоа што многумина од инфицираните не кажуваат дека биле во контакт со заболен. Поради тоа, голем дел од медицискиот персонал е во изолација.

Последниот случај е на Клиниката за гинекологија. Родилка не навела дека била во контакт со ковид- позитивен, одбила да се тестира и заминала да се породува во приватна клиника. Четири лица од медицинскиот кадар кој ја породувал сега е во самоизолација. Засега здрвствениот инспекторат нема индиции да поднесе евентуална пријава за гонење на пациентката.

Од почетокот на епидемијата бројот на ковид- позитивни во земјава изнесива 3.538. Од вирусот починаа 169. Во моментов активни се 1.687 случаи.

Андријана Атанасовска