Куманово: Екипа на МТВ на терен заедно со полицијата

15.06.2020 15:36

Екипата на МТВ на терен со полициските службеници- колку кумановци ги почитуваат мерките за задолжително носење на заштита опрема. Дел од граѓаните со маски, но голем дел ги носеа во рака, или в џеб. За само два месеци регистрирани над 880 прекршувања на обврската...

Речиси два месеца кумановци не смеат да излезат од дома без да носат заштитна маска. Според надлежните таа е клучна во справувањето со коронавирусот. Ние денеска заедно со полициските службеници од Секторот за внатрешни работи Куманово излеговме да видиме колку кумановци ја почитуваат оваа владина уредба за носење маска.

Се упативме на градскиот плоштад каде можеше да се забележи дека голем дел граѓани носат маски, но имаше и такви кои се движеа без заштита. Полициските службеници ги легитимираа кумановци, и им укажуваа на обврската која што е задолжителна за сите. За непочитувањето на уредбата следува казна од 20 евра.

„Маската треба правилно да се носи преку целото лице, да се покрие носот и устата, со што би се заштитиле поефикасно од ширењето на вирусот Ковид-19.“

Ги оставивме полициските службеници да си ја вршат својата задача, а ние ги прашавме кумановци дали треба да се казнува не носењето маски.

„Морам да ја носам, да се придржуваме до правилата, се знае дека нас старите бргу не фаќа, гледам дека многу не носат, сега токму полицијата ги евидентираше“ нагласува еден кумановец.

„Ја носиме, ова е само така измислија, но народот и не ги носи си се шета“ -додава втор кумановец.

„Мора кога е во прашање здравјето на народот, државата мораме, но сите ги симнуваат колку што можат, страв ми е од казна не е мала работа“-дополнува друг.

Но, имаше и храбри кои и покрај заканата за казна не ја почитуваа уредбата за задолжително носење маски.

„Тоа е апсурд да носиш на отворено маска, нели растојание има по улици. За што ми е казна јас ќе ги тужам нив, тоа само болен човек може да носи маска, за здрави луѓе не е“- вели еден кумановец.

Секторот за внатрешни работи Куманово на ниво на Куманово, Липково и Старо Нагоричане регистирани 880 прекршувања. Од кумановската полиција укажуваат дека деновиве има подобрување во однос на носење заштитна опрема.

„Во изминатиот период од петок, сабота и недела на подрачје само на Куманово имаме 154 констатирани прекршоци во однос на член 6 од уредбата. Кога се работи за предупредување секако дека воопшто и да нема реакција меѓутоа и во однос на констатиран прекршок немаме досега забележано бурни реакции“ - вели Виолета Богдановска, началник на Оддел за превенција СВР Куманово.

Носењето маски е задолжително на отворен простор каде нема можност да се одржува растојание од 2 метри.

Елена Георгиевска