Коронавирусот се прошири во уште една текстилна компанија и кај вработени во градинките во Штип

15.06.2020 15:37

Коронавирусот се прошири во уште една текстилна компанија во Штип. Скрининг на вработените нема да има, ќе се тестираат само лицата со симптоми. До сега двајца позитивни покажа скринингот во градинките во Штип, над 470 лица се во изолација. Од Регионалниот центар за Трансфузиона медицина апелираат излекуваните од Ковид-19 да се вклучат во акцијата за донирање крвна плазма потребна за лекување на заболените...

Во очекување на резултатите од првите контролни тестови од заболените во првата текстилна компанија каде се прошири коронавирусот во Штип и на целосните резултати од скринингот на вработените во детските градинки, Центарот за јавно здравје ја нема комплетната слика за актуелната инфективна состојба во Штип.

Нови тројца позитивни има во нова текстилна компанија со над 120 вработени, епидемиолошките анкети се во тек, над 470 лица се во изолација. Седумте текстилни компании каде имаше позитивни сега работат со намален капацитет - штипскиот градоначалник смета дека целосното затворање на фабриките не е решение, мора да се работи, но со целосно почитување на превентивните мерки

Излекуваните од Ковид- 19 имаат шанса да помогнат во лекување на заболените со крвна донација. Единаесетмина од овој регион до денес ја понудиле својата крв за изработка на крвна плазма, но само двајца ги исполнувале критериумите, од кои најважно е да имаат висока концентрација на Ковид-19 антитела.

Подрачната единицана Фонд за здравство Штип од денес работи со скратено работно време, Фондот за пензиско каде се позитивни седуммина не работи, исто како и работната единица на Друштвото за стопансување со станбен и деловен простор во Штип.

Славица Величковска