Ковид-19: Расте бројот на заболени, здравствениот систем се мобилизира
Стотина заболени и пет смртни случаи од коронавирусот во земјава. Болниците се полнат со пациенти. Се мобилизира здравствениот систем. Со кадар од внатрешноста се зајакнуваат инфективните одделенија во болниците во Скопје...

Со коронавирус заразени се уште 103 граѓани. Најголем дел од нив се од Скопје, 46 случаи. Петмина починале- ова е статистиката за изминатото деноноќие. На инфективните одделенија во болниците во Скопје и низ државата со коронавирус се лекуваат вкупно 318 пациенти, дел се во потешка состојба и на респираторна машина.
Поради зголемениот број на пациенти, но и инфициран медицински персонал, се мобилизира здравствениот систем. Со кадар од внатрешноста се зајакнуваат инфективните одделенија во болниците во Скопје.
Коронавирусот е детектиран и во Армијата. Од таму за МТВ потврдија дека позитивен на тестот е заменик началникот на Генералштабот. Заразено е и уште едно лице од неговиот кабинет. Според протоколот уште неколкумина се во изолација. Од таму информираат дека изминатите неколку недели заменик- началникот немал контакти со началникот на Генералштабот на Армијата, а досега десеттина припадници на вооружените сили биле позитивни на тестот за Ковид- 19.
Од тестирањата направени во рамките на скринингот во градинките во Штип и во Охрид, потврдени се по два позитивни случаи во двата града.
