На Табановце за 24 часа поминале 2.444 патници

17.06.2020 15:25

Изминатото деноноќие на граничниот премин Табановце на Македонско-српската граница поминале 2.444 патници. На преминот денеска можеше да се забележи метеж за влез во државата, но не и за излез. Дел од граѓаните носеа со себе тестови за Ковид-19, но имаше и такви кои немаа извршено тестови последниве 72 часа, па раскажаа дека мораа да заминат во државен карантин...

По скоро три месеци од денеска целосно е отворен граничниот премин Табановце. Овде на Македонско- српската граница може да се забележи дека денеска е мирно, патници има само за влез во државата, но не и на излезот. Присутни се и голем број товарни возила.

Согласно податоците на граничниот премин Табановце изминативе 24 часа поминале вкупно 2.444 патници, од кои 1.192 македонски државјани, додека странски нешто повеќе 1.252.

Повеќето од граѓаните на Табановце чекаат неколку часа. Тие носеа со себе тестови кои што посочија ги платиле околу 100 евра. Немаат забелешки за мерката самоизолација, важно им е само да се вратат дома.

„Доаѓаме од Виена, имаме се од лабораторијата од Австрија, но ете мора да чекаме“-вели еден граѓанин.

„Имаме тест за коронавирус сѐ, не можеме да дојдеме дома.“

Група патници кои влегуваа во државата од Германија немаа тестови. Тие раскажаа дека мора да одат во државен карантин.

„Сега останавме тука ниту домашен карантин, ниту ништо чекаме, ќе не носеле не знам, каде не знам, ние сакаме да правиме тест не е проблем“- вели еден граѓанин.

Цариниците на Табановце по вчерашната одлука на надлежните проверуваат дали граѓаните кои што влегуваат имаат негативен тест, не постар од 72 часа, по што следи 14 дневна домашна самоизолација. Оние што немаат тест, завршуваат во државен карантин 14 дена, а потоа и домашна изолација.

За странските државјани останува одлука за транзит низ Македонија најмногу пет часа.  Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг, со обврска да не се напушта соодветниот автопат или локален пат, за што пополнуваат соодветна изјава.

Инаку, државјаните кои сакаат да ја напуштат Македонија, на граничниот премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека заминуваат на своја одговорност, а државата нема да биде во можност да им помогне.

 

Елена Георгиевска