Охрид: Ќе се уриваат сите плажи кои не постојат во генералниот урбанистички план
Ќе се уриваат сите плажи кои не се предвидени со генералниот урбанистички план, на тој начин ќе се исполнат препораките на УНЕСКО. Ова е ставот на охридската локална самоуправа, но досегашните концесионери сметаат дека станува збор за нешто друго. Целта е да ни ги одземат плажите и да се дадат на други лица, велат некои од нив...
Продолжува акцијата за уривање на потпорни ѕидови, бетонски конструкции, шанкови, партерна и друга опрема на брегот од Охридското Езеро.
Иако беше најавено дека денеска градежната оператива ќе урива на плажите на потегот од Метропол до Елешец сепак тоа не се случи. Денеска сеуште се работеше на плажата Горица 3.
Нашата камера не можеше да забележи што се случува на оваа плажа бидеќи полицијата која асистира во акцијата на барање на овластениот инспектор не дозволи снимање, но позајмените фотографии покажуваат дека е срамнето со земја се што беше изградено на овој простор. Концесионерите кои гравитираат околу туристичката населба „Лагадин“ се револтирани бидеќи дури вчера попладне добиле известување да го вратат просторот во првобитна состојба во рок од 24 што за нив е невозможна мисија.
„Дали е тоа теоретски можно, простор од 4.500 метри квадратни, уреден, среден да се исчисти за 24 часа, а вчера околу 15 часот го добивме известувањето“, вели Љупчо Нечкоски- досегашен концесионер на плажа.
Нечкоски се сомнева дека ова се случува бидеќи некој сака да ги отстапи плажите на други лица.
„Ако не се плажи тоа требаше да кажат, дека овде ќе поминува железничка линија, повеќе нема да биде плажа, мора да се раскине договорот. Инаку друга здрава логика на проекти испочитувани до крај, финансиски , на лице место, материјално и т. н. нема друга логика за вакво уривање“, изјави Љупчо Нечкоски- досегашен концесионер на плажа.
Од локалната самоуправа тврдат дека нема селективност во уривањето и дека се се одвива според уредбата на владата и законските прописи што ќе придонесе за исполнување на препораките на УНЕСКО. Во иднина нема да се дозволува узурпација на заштитеното подрачје, концесиите на плажите се истечени договорите и ќе се урива се она што не постои во Генералниот урбанистички план.
Сашо Нелоски
