Ковид-19

Се намалуваат ограничувањата, но мерките мора да се почитуваат

25.06.2020 15:22

Се намалуваат ограничувањата, но не смееме комотно да се однесуваме со вирусот. Тој е тука, велат домашните и странските здравствени власти. Пациентите на механичка вентилација ја губат битката. Нови 153 заразени и шестмина починати...

Состојбата со новозаболени од Ковид- 19 во Македонија не се смирува. И денеска троцифрена бројка, а најголем дел од нив во главниот град.

Во изминативе 24 часа се направени 1.279 тестови, од кои 153 се позитивни. Во Скопје се регистрирани 66, Куманово 13, Штип 13, Тетово 20. Институтот за јавно здравје регистрира и 75 оздравени пациенти. Во изминатово деноноќие починаа 6 лица или вкупно 265 од почетокот на здравствената криза.

И покрај напорите на здравствените работници, сепак мора да продолжи квалитетното управување со состојбата оцени- Фабио Скано од СЗО.

Македонија ја има целосната поддршка од организацијата, но мора да се работи на подигнување на совесноста кај граѓаните за да се спречат фаталните последици на вирусот.

Тања Сарандеска