Ковид-19: Стивнува бранот на оние што завршуваат на болничко лекување

01.07.2020 16:52

Уште четворица починаа од Ковид-19. Бројката на оздравени денеска е поголема од новозаболените. Министерот за здравство вели стивнува бранот на оние што завршуваат на болничко лекување. Во вонредни околности, лекарите се справуваат и со насилни роднини на пациенти. Вчерашниот инцидент во Градската општа болница заврши со кривична пријава и државен карантин...

Нови 120 заболени со коронавирусот се регистрирани во изминатото деноноќие. Четири лица починале. Во болниците низ земјава се лекуваат над 400 болни, дел од нив се во тешка состојба и на кислородна поддршка. Во болницата „Козле“, се лекуваат 5 деца. Најмалиот пациент е бебе старо само 18 дена. Во битката со коронавирусот здравствените работници често се цел на напади. Во вчерашниот инцидент државен карантин и кривична пријава заработи син на почината од вирусот. Сакал насилно и без почитување на протоколите да го земе нејзиното тело од болницата „8-ми Септември“. Полицијата утврдила дека и тој е позитивен на Ковид-19, но наместо во изолација, дошол во болницата. За него е поднесена кривична пријава за непостапување по здравствените протоколи. Лекарите бараат поголема заштита.

„Особено во овој момент во ГОБ 8-ми Септември се примаат најтешките случаи со коронавирус од целата држава. Тоа се пациенти кои за жал не успеваме секогаш да им помогнеме, но верувајте дека никој не е оставен туку така. Целиот персонал е посветен на секој пациент. Се трудиме да го зачуваме секој живот што можеме. Би замолиле за разбирање и од пациентите и од јавноста, веќе сме на крај на силите ова е веќе четврти месец како имаме долги смени, напорни саати се работат таму“, вели д-р Александар Каревски – ортопед.

И лекарската комора со осуда за секое непочитување на работата, трудот, жртвата и ризикот со кој се изложуваат здравствените работници . А тие се справуваат со наплив на примени пациенти кој, здравствените власти велат, се намалува споредбено со пред 10 тина денови.

Уште еден медиумски работник ја загуби битката со коронавирусот. Шенол Ахмети, долгогодишен снимател и камерман во МТВ почина вчеравечер. Хоспитализиран е минатата недела, а состојбата драстично се влошила последните неколку дена поради што бил приклучен на респиратор. Шенол Ахмети почина на 51-годишна возраст, а работниот век го помина во јавниот сервис.

Андријана Атанасовска