Филипче: Зголемениот број на новодијагностицирани се должи на широкото тестирање
Зголемениот број на новодијагностицирани пациенти заразени со Ковид-19 се резултат на широкото тестирање што овозможува идентификација на асимптомаските пациенти. Поради тоа е неприфатливо толкувањето дека нашата земја спаѓа во редот на државите со најмногу заразени лица во светот. Ова при денешната посета на охридската Општа болница го рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој посочи дека не е донесена одлука за затворање на границите со ниту една соседна држава...

Зголемениот број на новодијагностицирани пациенти со КОВИД-19 се должи на широкото тестирање. Не се тестираат само лицата со симптоми туку и нивните контакти што овозможува навреме да се стават во изолација. Ова при денешната посета на охридската Општа болница го рече министерот за здравство Венко Филипче при што нагласи дека не е реален податокот дека нашата земја е на 5 место според глобалниот индекс на заразени во светот.
„Апсолутно тврдам дека имаме одличен систем на широко тестирање и идентификување дури и на асимптоматските пациенти. Се поинаку, поинаков пристап значи дека во еден момент наеднаш ќе се затрупаат болниците со пациенти. А токму тоа сакаме да го избегнеме. Затоа во таа смисла споредување само на бројки на новодијагностицирани од една во друга земја, мислам дека нема логика“, изјави министерот Филипче.
Во охридската болница засега успешно се справуваат со сите предизвици.
„Имавме најголем пик досега, добро се справивме со целата таа ситуација. Сите пациенти се третирани и хоспитализирани, адекватно третирани ако се за Инфективна клиника, ако се со потешка клиничка слика и мислам дека до сега како болница овие 3-4 месеци добро се справуваме со оваа пандемија“, изјави Горан Балевски, директор на Општа болница-Охрид.
Инаку состојбата со границите останува непроменета, тие остануваат отворени кон сите соседи. Комисијата за заразни болести утрото комуницирала со здравствените власти во земјите од регионот и по добивањето на официјални податоци за епидемиолошката состојба ќе донесат одлука околу ова прашање.
Сашо Нелоски
