Од компликации од Ковид-19 почина уролог од Тетово
На неколку месеци до пензија, почина урологот Арификмет Деари и тој е првиот здравствен работник што не успеа да се избори со Ковид-19. Уште шестмина други починати во изминатово деноноќие покажа најновиот биланс. Спроведените 1.032 теста покажаа дека има 115 заразени...

Уролог од Тетово е првиот здравствен работник во земјава кој починат од Ковид-19. Првично бил хоспитализиран со невролошки проблеми, но бил и позитивен на коронавирусот, по 15 дневно болничко лекување на 64 години ја загуби битката. Сочувство до семејството изрази министерот Филипче со порака.
„Апелирам до моите колеги здравствените работници да се чуваат и заштитуваат, на работното место соодветно на протоколите, но и надвор од него. Апелирам и до граѓаните да ги почитуваат мерките, да се заштитат себе си, здравствените работници и сите свои сограѓани“ – напиша на Фејсбук министерот за здравство.
Уште шестмина други починаа во изминатото деноноќие. Регистрирани се 115 новозаболени од коронавирусот, најмногу во Скопје. Вкупната бројка на дијагностицирани надмина седум илјади, од нив половина се активни случаи. Над 400 инфицирани се лекуваат во болниците низ земјава. Има и четири деца.
Од Министерството за внатрешни работи, велат дека генерално граѓаните кои имаат решенија за изолација и самоизолација ги почитуваат мерките.
За 24 часа, полицијата казнила повеќе 470 граѓани за неносење лична заштита. Казните не се решение на проблемот, да се почитуваат мерките и протоколите – апелираат од МВР. Најавуваат засилени контроли во туристичките места.
Андријана Атанасовска
