Две сообраќајки на регионалниот пат Радовиш- Штип, едно лице загина, 14 се хоспитализирани

13.07.2020 15:06

Две тешки сообраќајни несреќи за неполни два часа се случија вчера вечер на регионалниот пат Радовиш – Штип. Едно лице од Кочани почина на местото на несреќата, 14 беа хоспитализирани во Клиничката болница во Штип. Во првата сообраќајна несреќа во 20 часот повредени се 11 мигранти од Пакистан и Авганистан. Возачот на мигрантите побегнал од местото на несреќата и полицијата трага по него...

Единаесет мигранти од Пакистан и Авганистан се повредени во сообраќајната несреќа што се случи вчера вечер околу 20 часот на патниот правец Радовиш – Штип. Несреќата се случила откако автомобилот со мигрантите претекнувајќи влекач со приколка,  изгубил контрола и директно се судрил со автомобил кој сообраќал кон Радовиш. Возачот на мигрантите побегнал од местото на настанот. Шестмина од повредените мигранти се со полесни повреди и денес се пуштени на домашно лекување во Прифатниот центар „Винојуг“ кај Гевгелија.

Во втората сообраќајна несреќа, на пет километри од првата, каде имаше судар меѓу три автомобили почина маж на возраст од 42 години од Кочани

Регионалниот пат Штип – Радовиш е место на чести сообраќајни несреќи, според надлежните заради брзото возење и непочитување на сообраќајната сигнализација. Решението на оваа црна статистика се гледа во новиот експресен пат Штип - Радовиш кој е во изградба.

 

Славица Величковска