Куманово: Согласно протоколот гласаат заболените од Ковид-19
Согласно посебно утврдениот здравствен протокол се одвива денешното гласање кај болните од Ковид-19 и лицата кои се во самоизолација. Во Куманово право на глас денеска имаат 31 лице.

Во Куманово денеска гласаат 12 лица позитивни на коронавирусот и 19 на кои им е определена мерката самоизолација. Од општинската изборна комисија во Куманово информираат дека гласањето во домовите на овие лица се одвива без проблеми, согласно здравствениот протокол за заштита.
„Денот почна регуларно со делење на изборен материјал од страна на избирачките одбори. Очекуваме нормален тек на гласањето бидејќи има 31 лице кое денеска ќе го оствари правото на глас, уредно досега е подигнат материјалот очекуваме дека за скоро време ќе биде успешно завршен овој изборен ден“, посочи Драган Јовановски, претседател ОИК Куманово.
Денешното гласање во домовите на лицата кои се заболени од коронавирусот и се во домашната изолација, го спроведуваат посебни избирачки одбори составени од три медицински лица и тројца претставници на партиите. Пред тргнување тие се опремија со лична заштитна опрема, мантил за еднократна употреба, ракавици, визири и средства за дезинфекција. По завршувањето на гласањето на секој гласач, членовите ја менуваат заштитната опрема.
„Секако дека постои ризик, вирусот е околу нас, меѓутоа протоколите целосно ги заштитуваат не само оние во посебниот избирачки одбор туку и оние кои ќе гласаат, ако и тие немаат лични заштитни средства ние сме опремени со заштитна опрема која ќе им ја дадеме“, нагласи д-р Марјан Денковски, заменик претседател на посебен избирачки.
Во општина Липково денеска гласаат шест лица заболени од ковид-19 и во самоизолација, додека во општина Старо Нагоричане право на глас имаат три лица заболени и во самоизолација. Во Куманово утре право на глас ќе имаат 189 болни и немоќни лица, како и корисниците на Домот за стари лица Зафир Сајто, и затворениците од затворот Кшање.
Елена Георгиевска
