Охрид

Сончарка- нов неавтохтон вид риба во Охридското Езеро

20.07.2020 16:23

Рибата Сончарка е новиот жител во Охридското Езеро. Присуството на оваа риба е забележано во последните неколку години и сѐ уште нема детални истражувања за нејзиното влијание врз екосистемот. Научната јавност вели дека секој нов вид е потенцијална опасност...

Појавата на неавтохтони видови риби во Охридското Езеро отсекогаш предизвикувала загриженост кај научната јавност. Така е и во изминативе неколку години откако е забележано присуството на рибата сончарка која е автохтона во слатководните водни системи на источниот брег на Северна Америка. Науката вели дека е добар колонизатор и дека лесно се прилагодува на новата средина, а во Европа е донесена кон крајот на 19-тиот век и сега е присутна во скоро сите водни системи. Не се знае нејзиниот пат до Охрид, но како и секогаш виновник за ваквите состојби е човечкиот фактор. Познато е дека негативно влијае врз екосистемите каде што температурите се високи во текот на целата година, а ќе треба време за да се дознае како ќе влијае врз автохтониот рибен фонд на Охридското Езеро.

„Што ќе биде во иднина со популацијата на сончарката треба да се направат истражувања за да се види состојбата на нејзината популација, да се види степенот на раст, степенот на репродуктивна зрелост, затоа што тоа се факторите кои одлучуваат како популацијата ќе се развива во иднина“, изјави Благоја Трајчески, Хидробиолошки Завод-Охрид.

Однесувањето на сончарката во природен амбиент прв го документираше познатиот нуркач Милутин Секулоски-Миќо.

„Таа слично како и другите риби во Охридското Езеро дното го чисти пред да положи икра, прави круг од некаде 30 до 50 сантиметри и откако ќе ја положи икрата се однесува агресивно, односно го штити тој простор. Не дозволува ниту една риба што е во близина да се доближи до икрата“, вели Секулоски.

И досега се случувало во Охридското Езеро да се внесуваат неавтохтони риби кои поради ниските температури на езерото и други фактори за среќа не можеле премногу да се размножуваат и негативно да влијаат врз екосистемот. Останува надежта дека така ќе биде и со сончарката.

 

Сашо Нелоски