Заштитата од пожари ќе мора да се зајакне

23.07.2020 13:21

Охрид не е препознатлив само поради старото градско јадро, туку и по природата што го опкружува. Малку се оние што дошле во овој наш древен град, а не го посетиле националниот парк „Галичица“ кој покрај прекрасни панорами кон езерото изобилува со неповторливи убавини и ендемични врсти растителен и животински свет. Две третини од паркот се под заштита на УНЕСКО, причина повеќе да се стори се за негова заштита, а особено од пожари.

Високите температури и големата раздвиженост на локалното население и туристите во текот на летото со себе носат потенцијална опасност поради невнимание да се предизвика пожар во Националниот парк „Галичица“. Ако се знае дека дури две третини од паркот се вклучени во границите на светското културно и природно наследство впишано во листата на УНЕСКО обврската за негова заштита станува уште поголема. Иако се врши 24 часовен мониторинг сепак опасноста од пожари е секогаш присутна .

„Најголема опасност е ако пожарот избие во внатрешноста, во срцето на Галичица. Галичица има неколку сртови и делови каде што пред доста години ни е случено пожарот да се примети со вториот или третиот ден, тогаш има земено голем замав“, вели Наумче Новески- Национален парк „Галичица“.

Во Националниот парк „Галичица“ велат дека тој претставува жариште на биолошка разноврсност во кој опстојуваат дури 113 ендемични видови алги, васкуларни растенија, безрбетни и рбетни животни. Но во неговите рамки има и вредни споменици на културата меѓу кои се издвојуваат манастирот Свети Наум, Света Богородица Захумска и островот Голем град.

„Само со добрата организација и поставеност може да се зачува паркот како се повеќе барана дестинација на туристите и едно од најголемите природни богатства во државата. Ваквиот начин на работа овозможува да се зачува биолошката разновидност која е реткост во регионот и пошироко. Да напоменам дека токму сите одделенија покрај работните задачи се организирани на високо ниво во однос на заштитата на паркот од појава на пожари“, изјави Васко Паскали- директор на Национален парк „Галичица“.

Последните два пожари од поголем обем во националниот парк беа забележани во 2007-та година, а се гасеа повеќе од 14 дена. Тоа беше опомена до сите дека треба повеќе да се грижиме за вредностите што ги поседуваме и по кои сме препознатливи во светот.

 

Сашо Нелоски