УНИЦЕФ: 16.000 деца живеат под прагот на сиромаштија, зголемено насилството за време на полицискиот час
16 илјади деца во земјава живеат под прагот на сиромаштијата, за време на полицискиот час се зголемило насилството врз најмалите, он-лајн наставата покажала дека сите наставници не се информатички подготвени за да спроведат учење од далечина – ова го покажува анлизата на УНИЦЕФ. Забележан е и застој во пристапот до болничка нега на новороденчињата, децата и мајките, главно поради помалата побарувачка од неургентни услуги поради страв од заразата...

Владините мерки го амортизирааа социо- економското влијание на пандемијата на Ковид-19, покажала анализата на УНИЦЕФ. Но, тоа не ги опфатило 16.000 деца кои сѐ уште живеат во сиромаштија. За време на полицискиот час се зголемило насилството, а онлајн наставата покажала дека сите наставници не се подготвени преку информатичката и комуникациската технологија да спроведат учење од далечина.
„Во споредба со возрасните, децата и младите имаат помала веројатност да се разболат од вирусот. Ковид-19 има огромно влијание на начинот на кој тие учат, на начинот на кој нивните семејства заработуваат и на тоа колку се чувствуваат сигурни во домовите. Потребни се насочени мерки за децата да не станат невидливи жртви“, изјави Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
„Преку нашето партнерство со УНИЦЕФ и тесната соработка со Министерството за здравство и другите одговорни владини тела, треба да помогнеме за да се идентификуваат овие предизвици и да се пронајдат најдобри решенија“, нагласи американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.
Од направената проценка на социјалните и економски влијанија на Ковид-19 врз децата се заклучува дека потребни се политики кои ќе спречат здравствената криза да прерасне во криза на правата на децата.
„Децата во земјата мора да бидат важна компонента на закрепнувањето од Ковид-19 за да постигнеме поодржлива и поинклузивна економија и општество“, изјави Маријан Петрески, Фајнанс тинк.
На конференцијата беше заклучено дека на децата треба да им се овозможи продолжување на образовниот процес од училница, од далечина или унифициран пристап. Да се помогнат социјално- ранливите категории и да се зголеми активноста на центрите за социјална работа.
Дијана Ценевска
