Партии

Разговорите за формирање нова влада течат, нема официјална потврда за договор

06.08.2020 13:53

Разговорите меѓу партиите за формирање нова влада течат во тајност. Никој официјално не се изјаснува дали постигнал договор. Од СДСМ тврдат- водиме сериозни разговори за формирање влада, со полн четиригодишен мандат. Интегративците, пак, негираат договор за каква било коалиција. Од ВМРО- ДПМНЕ ниту демантираат ниту потврдуваат дека се на чекор до договор со ДУИ...

Интензивни средби на лидерите на партиите, преговори и тајни пораки се дел од фолклорот при формирање на новото парламентарното мнозинство. И покрај информациите кои се лифтеруваат во медиумите дека и двете најголеми партии се на чекор до формирање на Влада, од седиштата на СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ молк. ПР- стратегијата на партиите е зачувување на тајните адути до последен момент.

Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека се отворени за преговори со сите, но не по секоја цена. Во истовреме, ниту демантираат, ниту ги потврдуваат информациите за приближување на ставовите со интегративците на Ахмети.

СДСМ води сериозни преговори за формирање влада со полн четиригодишен мандат, поддржана од стабилно мнозинство во Парламентот, на која еден од главните приоритети ќе и биде борбата со криминалот и корупцијата на сите нивоа – велат од партијата. Со своите евентуално нови коалицини партнери ќе бидат согласни за градење на систем за проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер.

По информациите дека ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ се договориле за формирање коалиција и дека ВМРО- ДПМНЕ прифатиле да има премиер Албанец, Османи истакна дека засега нема никаков договор со ВМРО- ДПМНЕ, а додава дека нема договор ни со СДСМ.

 

Марина Стојанова- Тонева