Сѐ уште нема одлука за новата учебна година
Иако најави, Комисијата за заразни болести не донесе одлука за стартот на учебната година. Оттаму за МТВ брифираат дека продолжуваат со работа утре и дека главната насока е задолжително носење заштитна опрема и одржување растојание. Паралелно расте притисокот од родителите наставата да се одржува на интернет...

Сѐ уште не се знае како ќе изгледа стартот на новата учебна година, ниту во какви услови ќе има настава од први септември. Комисијата за заразни болести ги разгледуваше предлозите на Министерството за образование. Денеска без конкретна одлука, утре повторно ќе се состанат.
„Разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата. Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и на наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука“– пишува во соопштението на Министерството за здравство.
Членови на од Комисијата за заразени за МТВ брифираат дека одлуката за училиштата ќе биде тешка, според нив децата треба да се вратат во клупите со почитување на протоколите, носење маска и држење растојание. На состанокот се разговарало дали во училиштата децата да одат во смени или да има комбинирана настава. Предизвик за експертите е и пристигнувањето на децата до училиште, големиот одмор и дружењето.
Од Министерството за обвразование, пак, останаа без официјален коментар по денешниот состанок. Сѐ погласно се зборува дека се усогласуваат детали за кратење на времето на часовите, за што се потребни измени во Законот.
Во очекување на конечната одлука, неформална група родители преку социјалните мрежи упати барање да се овозможи онлајн настава за сите ученици, за да не дојде до поголемо ширење на вирусот.
УНИЦЕФ апелира дека децата мора да се вратат во училиште за да се спречи криза во учењето со катастрофални последици за генерации на ученици. Истражувањето, пак, на Детската амбасада Меѓаши покажа дека најголем дел од родителите се за онлајн настава и комбинирана настава со физичко присуство и онлајн.
Поради коронавирусот училиштата во земјава се затворија на 10-ти март, во изминатиов период од ресорот најавуваа дека се работи на протоколите како да се одвива наставата од први септември. Во меѓувреме се чека и одлука за отворање на градинките.
Андријана Атанасовска
