Политика

Сѐ уште нема договор за ново парламентарно мнозинство и влада

11.08.2020 10:04

Заев и Ахмети вчера попладне одржаа нова средба од преговорите за обезбедување парламентарно мнозинство. Заврши без епилог. Во овој постизборен процес, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека се на пат да ја добијат власта. Претходно, лидерот на ДУИ ги покани останатите партиски челници од албанскиот блок на состанок в четврток...

Сѐ уште сме далеку од договор со Демократската унија за интеграција за формирање владино мнозинство, меѓутоа разговараме за приближување на ставовите околу програмските определби, принципите врз кои ќе се заснова работата на владата, а потоа ќе се дискутира и за кадровскиот состав и поделбата на ресорите, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера по средбата во Собранието со првиот човек на интегративците. Не открива какви позиции имал тој во однос на инсистирањето на ДУИ за премиер Албанец. Во овој процес, според Ахмети не треба да се влегува со предрасуди. Двајцата се оптимисти дека во наредниве денови ќе постигнат договор.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак веруваат дека тие ќе ја формираат идната влада и интензивно преговараат, како со ДУИ, така и со останатите партии без да откриваат детали.

Претседавачот со Собранието, Талат Џафери до Пендаровски сѐ уште не испратил известување дека парламентот е конституиран. Од Кабинетот на Претседателот велат дека без разлика на тоа што нема допис, рокот за доделување мандат за состав на Влада истекува в петок.

 

Игор Панов