Куманово: Полуподземни контејнери за справување со сметот

11.08.2020 11:33

Општина Куманово и јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ со полуподземни контејнери ќе се обидат да се справат со сметот. Новите садови за отпад ќе бидат поставени на неколку локации во централното градско подрачје. Надлежните се надеваат дека со набавката ќе се решат неколку проблеми, бидејќи полуподземните контејнери имаат поголем капацитет за собирање отпад, односно еден нов контејнер заменува до пет стари.

Со полуподземни контејнери Општина Куманово и јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ ќе го решаваат проблемот со сметот. Во тек е јавниот оглас за набавка на новите садови кои ќе бидат поставени на неколку локации во централното градско подрачје. Контејнерите ќе можат да соберат поголема количина на отпад, дури пет пати повеќе од сегашните. Тие ќе бидат поставени на земја, а ќе има и простор за рециклирање.

„Во следниот период ако се покажат како добри и квалитетни особено во делот на однесувањето на нас граѓаните кон таа урбана опрема, да ја сочуваме да не дојде до опожарување, бидејќи истите се од рециклирана пластика специјални материјали кои се и запаливи, тогаш ќе можеме да инвестираме и во другите делови од градот во рамки на средствата предвидени со буџетот“- истакна градоначалникот Максим Димитриевски.

Од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ се надеваат дека со набавката на новите садови за смет ќе се спречи лошата миризба, но и расфрлувањето на отпадот.

„Ќе имаме помала потрошувачка на човечки ресурси при празнењето на полуподземните контејнери. Ако треба 5 пати да дојдеме да ги испразниме обичните контејнери тука ќе треба еден пат да дојде да се испразни, празнењето ќе биде пократко околу 2 минути, нема да има застој низ сообраќајот, мислам дека со ова и животната средина ќе ја заштитиме. Ќе имаме помалку издувни гасови“- посочи директорката на ЈП „Чистота и зеленило“, Цветанка Ивановска.

За набавката на новите полуподземни контејнери општината на почетокот на годината планираше да одвои шест милиони денари.

 

Елена Георгиевска