Авионот од Скопје го вклучи алармот во Финска

11.08.2020 12:59

На авиолетот од Скопје за финскиот град Турку имало 157 патници. Од нив 95-мина биле со косовски пасоши, а преостанатите биле со исправи на шест други земји. При доброволното тестирање во Финска, 24 патници биле позитивни на Ковид- 19. Македонското министерство за здравство чека дополнителни инфоирмации од Финска со детали кои патници биле позитивни на Ковид- 19, за да можат епидемиолозите да преземат мерки спореед протоколите...

24-те позитивни на Ковид-19 од 157 патници на летот од Скопје за Турку го вклучија алармот во Финска. Земјата објави дека ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од земјите со висок ризик, меѓу кои е и Македонија. Министерката за семејни работи и социјални услуги, Киури објави дека ќе се тестира секој што ќе пристигне од земја каде што има меѓу 8 и 10 случаи на 100 илјади жители и оти непочитувањето на карантинот ќе се казнува со затвор.

„Доброволното тестирање беше организирано на аеродромот Турку во Финска во саботата за сите патници кои пристигнаа на лет од Скопје, откако властите проследиле летови од Северна Македонија и Букурешт во Романија, како два главни извори на неодамнешни нови инфекции со корона вирус во Финска“, изјави Криста Киуру, министерка за семејни работи и социјални услуги на Финска.

Македонското министерството за здравство за патниците од летот информира дека станува збор за иселеници, претежно со косовски и со фински пасоши, кои што од различни причини доѓале или транзитирале во земјава.

Со оглед на тоа што имале дозволи за престој или државјанства од Европската Унија, за нив не важат рестрикциите при влез и излез од Македонија. Воедно, ниту еден од патниците не бил регистриран во базата на позитивни случаи со решение за изолација.

За 24-цата заразени, нашите органи ги прибираат информациите за да се пристапи кон утврдување на контактите кои ги имале во нашата земја.

Ова деновиве не беше ваков единствен случај. Аеродромските служби во неделата спречиле четиричлено семејство, мајка со три деца, позитивни на вирусот да се качат на летот за Норвешка.

Марија Котовска