Политика

Продолжуваат преговорите за нова влада

11.08.2020 13:10

Последната средба меѓу Заев и Ахмети заврши без епилог. Разговорите за обезбедување мнозинство за формирање нова влада продолжуваат, велат од СДСМ и од ДУИ. Рокот за доделување на мандатот е петок...

Лидерите на СДСМ и ДУИ, како и нивните работните групи, и натаму во целосна дискреција ги водат преговорите за мнозинство што треба да ја формира новата влада. Ни Заев ни Ахмети по средбата во Собранието не открија дали пречка за напредокот во разговорите е барањето на ДУИ за премиер Албанец. Заев кратко изјави дека „ако навлезе во коментари, нема да помогне на преговарачкиот процес“, а и Ахмети избегна директен одговор, само додаде дека не сака прв да го каже последниот збор.

Во процес сме на создавање нова Влада ослободенa од каков било вид национализам, соопштија од СДСМ и додаваат дека продолжуваат со разговори за создавање стабилно парламентарно мнозинство со полн четиригодишен мандат.

Од Интегративците став дека најважно е да се приближат платформите и на двете партии во интерес на државата. Во преговаркиот процес не треба да се влегува со предрасуди во однос на барањето за Албанец премиер, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Досега на преговарачка маса лидерите на СДСМ И ДУИ, Заев и Ахмети двапати се сретнаа во Собранието, но како што велат сѐ уште се далеку од договор за формирање парламентарно мнозинство што ќе ја изгласа новата вадата.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денес го повикаа СДСМ да излезе пред македонската јавност и да каже дали има мнозинство во Собранието и дали ќе прави влада. Доколку не го направи тоа, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе значи само манипулирање со граѓаните. Според нив, Коалициите на СДСМ траат само неколку часа се додека тие самите не се демантираат. СДСМ реформи во својот мандат не донесе, туку донесе сиромаштија, економска криза и хибриден режим, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Рокот според кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски за доделување на мандатот на кандидатот на партија или политичките субјекти кои треба да обезбедат апсолутно мнозинство од 61 пратеник истекува во петок на 14 август.

 

Игор Панов