Пошта во проблеми откако Еуростандард банка остана без лиценца
И Пошта во проблеми откако Народната банка ја одзема лиценцата за работа на Еуростандард. Поради договорот што го имала со банката, не може да се врши уплата, односно исплата на шалтери, бизнис што ѝ носел на Македонска пошта 20 проценти од приходите. Во однос на депозитите во Еуростандард, исплатата ќе почне за 20 дена. Системот е стабилен, повторија финансиските власти...

Поради неработењето на Еуростандард банка, Пошта не може да обезбедува финансиски услуги и услуги на платен промет за клиентите. Директорот Рустеми изрази жалење поради ваквата ситуација, која има негативни последици и врз работењето на Пошта.
Во рок од 20 дена, Фондот за осигурување на депозити ќе почне со обештетувањето на физичките лица, депоненти на Еурстандард банката. Ќе бидат обесштетени депозитите на 99,4 отсто од граѓаните кои штеделе таму, или нешто повеќе од 136.500 депоненти. 780 лица нема или нецелосно ќе бидат обесштетени, затоа што имале поголеми депозити од лимитот на Фондот.
Фондот ќе ги обештетува осигурените депозити, но само во износ до 30.000 евра. Предмет на обештетување ќе биде главнината и каматата пресметана до 12 август 2020-та.
Од Македонската банкарска асоцијација информираа дека ниту една друга банка не е изложена на ризик, уверувајќи дека банкарскиот систем е во одлична кондција, ликвиден и отпорен на шокови, а депозитите на граѓаните се сигурни.
Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат - осигурителниот пазар останува стабилен и овој развој на настаните нема да влијае врз ликвидноста и солвентноста на осигурителните компании.
Монетарните власти вчера истакнаа дека мерките и напорите што се преземале цела година не вродиле со плод и дека иако им било тешко да донесат ваква одлука, знаат што прават и стојат зад неа.
Народна банка како причина за одземањето на дозволата на Еуростандард го посочи неисполнувањето на минималните законски услови за работење и поголемата изложеност на ризици од дозволеното, слабости кои не биле отстранети. Бизнисменот Трифун Костовски, пак, изјави дека строгите мерки на Народна банка не им дозволиле да се извлечат од кризата.
Марија Котовска
