Избрана новата влада
Собранието го изгласа предлогот за новата влада со 62 гласа - за, 51 - против и ниеден воздржан. Новата извршна власт ќе ја предводи премиерот, Зоран Заев. Прв приоритет ќе биде продолжување на антикризните мерки за заштита од коронавирусот, најави Заев. Оваа влада нема иднина, ќе се борам до крај, не поднесувам оставка, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Опозицијата најави масовни проести...

Опозицијата ја напушти салата, нечекајќи го чинот на свечената заклетва на премиерот и избраните министри. Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата, најави премиерот. Преку прочистување на судството, градиме силна, независна правна држава. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, дециден Заев. Уверува дека како држава сме подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. Упати апел до опозицијата за соработка.
„Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава, нашето заедничко општество. Бидете будни, гласни, конструктивни, аргументирани. Следете ја нашата работа и бидете коректив, но и партнер. Ние, како и досега, ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби“- нагласи Заев.
Добивме влада со стари и истрошени кадри, влада за продолжување на лагите, корупцијата и агонијата, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Според него, владата на СДСМ и ДУИ е спрега на мафијата и криминалот. Вели дека не чека сиромаштија и сериозна здравствена криза. Смета дека СДСМ ја доби власта со изборен поткуп. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека оваа Влада нема иднина и брзо ќе падне. Најави масовни протести наесен. Им се обрати и до членовите на неговата партија. Не поднесувам оставка, ќе се борам против оние што му служат исклучиво на Заев. Рече дека во партијата нема поднесено иницијатива за вонреден конгрес.
При гласањето, спикерот Џафери објасни дека еден пратеник, според протоколот во корона криза, бил изолиран и гласал во посебна просторија во Собранието. Арбен Зибери од ДУИ го чекал резултатот од тестирањето и не се чувствувал добро, изјави премиерот. Зибери пак негира дека е позитивен на ковид-19. Артан Груби од ДУИ е прв вицепремиер и министер за политички систем.
Во новиот состав на владата влегуваат четворица вицепремиери и 15 министри, 7 помалку од претходниот состав.
Милчо Велески
