ЕУ и САД со честитки и пораки до новата влада
Европската унија и САД со честитки и пораки до новата влада. „Со нетрпение очекувам да соработувам со новата влада на премиерот Зоран Заев, на потребните реформи за европската интеграција“, соопшти еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји. Вашингтон потсетува на она што треба да биде испорачано во делот на владењето на правото. Честитки за изборот на новата влада и од земјите од регионот...
Реформи и работа за интеграција. Европската унија ѝ честиташе, но и ја потсети новата влада за обврските кои ќе мора да ги заврши. Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји соопшти:
„Со нетрпение очекувам да соработувам со новата влада на премиерот Зоран Заев на потребните реформи за европската интеграција. Важно е сите сили во општеството да работат заедно кон оваа цел на остварување напредок на патот кон ЕУ“.
И додека евроамбасадорот Жбогар вели дека потребно единство на сите засегнати страни за испорака на амбициозната агенда за реформи, Вашингтон потсетува на она што треба да биде испорачано во делот на владењето на правото.
„Како пријател и партнер, очекувам соработка со владата кон континуиран напредок во однос на реформските цели на ЕУ и одлучна заложба за владеење на правото“, напиша амбасадорката Брнз.
На слична линија и известувачот за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, кој изрази задоволство од брзото формирање на новата влада во услови на глобална пандемија.
„Продолжувањето на реформите во патот на оваа држава кон Европската унија, како и борбата против корупција и организираниот криминал се први приоритети на новата влада на Зоран Заев. Верувам дека една од првите задачи на новата влада е да подготви патоказ за пристапување во Европската унија врз основа на широк политички консензус. Во меѓувреме, Советот на Европската унија треба да го усвои финалниот текст од преговарачката рамка за да може да се свика првата меѓувладина конференција во најбрз можен рок“, вели изветувачот Ќучук во неговата писмена изјава.
Првиот човек на Европскиот парламент, Давид Сасоли побара да продолжи добриот напредок на земјата. Актуелниот комесар за буџетска политика и поранешен еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, пак, потсети дека во интерес на земјата, на граѓаните и повторно како модел за целиот регион, важно е да се создаде конструктивна атмосфера помеѓу политичките чинители кога станува збор за исполнување на заедничките европски цели.
Честитки за изборот на новата влада и од земјите од регионот.
Александра Спировска
