Ковид-19

За хронично болните рок до 23-ти септември за потврда од специјалист за отсуство од работа

10.09.2020 15:13

Наместо до понеделник, хронично болните ќе треба до 23-ти септември да добијат потврда од специјалист, дека, поради дијагнозата и болеста не можат да се вратат на работа. Заклучок од средбата на министерот за здравство Филипче и Здруженија на пациенти. Тие задоволни бидејќи ќе има индивидуален пристап, поради различноста на болеста...

Хронично болните се враќаат на работа, откако владата го усвои ваквиот предлог на Комисијата за заразни болести. Исклучок ќе бидат болните лица со влошена состојба и оние со малигни болести, за што ќе биде потребна потврда од специјалист, а рокот за вадење е до 23-ти септември.

Целта е да не се злоупотребува системот, како што беше досега, истакна министерот за здравство Венко Филипче по средбата со претставниците на Здруженијата на пациенти. Владините мерки остануваат да важат и за бремените жени, до 31- ви декември годинава.

Со одлука на владата, косовските државјани кои влегуваат или транзитираат низ Македонија од копнен граничен премин, мора да приложат негативен ПЦР тест, вклучително и за деца над 10 години. Тестот мора да биде направен 72 часа пред влез на македонска територија.

 

Марија Котовска