Училиштата од Пелагонискиот регион бараат целосна или делумна настава со физичко присуство
Досега 36 основни и средни училишта поднеле барања за дозвола да организираат настава со физичко присуство, изјави министерката за образование. Денеска истекува рокот за доставување на барањата за кои владина комисија ќе донесе конечна одлука согласно здравствените протоколи. Во Битола 11 училишта бараат согласност за целосно или делумно физичко писуство на учениците...

Како се наближува стартот на учебната година сѐ појасни стануваат ставовите на битолските училишта според просторните можности и бројот на ученици кој модел на настава да биде применет. Шест од вкупно 12 основни и пет средни училишта, до Советот на општината доставија барања за согласност за целосно или делумно физичко присуство на учениците. За оние кои ќе одат на онлајн настава, со денешниов ребаланс на буџетот општината издвои 120.000 евра за набавка на комјутери на наставниот кадар.
Со исти барања и одобрени од општинските совети и училиштата од двете помали пелагониски општини. Велат, подготвени се да ги спроведат сите безбедносни протоколи, од превзот на учениците до престојот во училниците.
Во следниов период на потег се надлежните од Комисијата и министерството за образование. Од нивната оценка ќе зависи дали во најголемиот дел во училишта од Пелагонискиот регион на почетокот од идниот месец ќе заѕвонат училишните ѕвона или ќе доминира онлајн наставата.
Стевче Митревски
