Концертите и забавите го зголемија бројот на заразени со Ковид-19
Ќе бидат набавени 40 илјади бесплатни вакцини против сезонски грип, наменети за ризичната група граѓани. За само една недела бројот на новозаразени од Ковид- 19 е зголемен за петина, а причини се концертите, забавите во ноќните клубови и враќањето од годишен одмор од критичните земји, велат од Институтот за јавно здравје. Уверуваат дека нашата земја ќе има пристап до вакцината против Ковид- 19 кога таа ќе биде достапна на глобално ниво...

Концертите и забавите во туристичките места, како и враќањето од летните одмори за 20 насто го зголемиле бројот на заразени со коронавирусот во една недела – велат од центарот за јавно здравје. Во епидемиолошките служби пристигнале и две пријави од градинките за деца со зголемена температура, но тестовите биле негативни.
„Имавме еден период идеше добро две – три недели, последнава недела имаме 20 насто зголемување на бројот на позитивни, ама тоа би рекол дека е последица на оние собирања во Хераклеа концертите, во Струмица ноќните клубови, доаѓањето од Албанија, Албанија е критична земја, годишните одмори итн. Случаите се со полесна симптоматологија и лесно се справуваме. Немаме такви бројки, за да колабира системот поради тоа“, изјави д-р Александар Стојанов – Центар за јавно здравје.
Во пресрет на зимата здравствените власти ќе набават 40 илјади бесплатни вакцини против сезонскиот грип за ризичната група граѓани. Останатите ќе се наплаќаат, но не се знае цената. Предвидено е имунизацијата да почне во втората половина на октомври. Иако, не ја спречува заразата од Ковид-19, лекарите велат добро е граѓаните да се вакцинираат, за да можат повеќе време да посветат на справувањето со смртонсниот вирус, наместо со сезонскиот грип.
„Најпроверувани производи се вакцините, можеби и најтешко се прават и најголем е моментот на сигурност за да се испита, најмногу се пази, бидејќи ја давате на здрав човек, идејата е, не да го разболите туку да го заштитите од болеста. Најчесто, 80 проценти се луѓе кои што веќе примиле вакцина виделе бенефит од неа и доаѓаат секоја година“, вели д-р Стојанов.
Здравствените власти уверуваат дека нашата земја ќе има пристап до вакцината против коронавирусот кога ќе биде достапна на гобално ниво. Но, епидемиолозите стравуваат од можен отпор кај граѓаните да се вакцинираат. Земјава е дел од Ковакс механизмот на СЗО за набавка на квалитетна вакцина против Ковид-19.
Андријана Атанасовска
