Армијата се подмлади со 70 нови професионални војници

11.09.2020 14:47

Македонската армија се подмлади со прием на нови 70 професионални војници. Интересот за служба во Армијата се зголемува, а наскоро ќе биде објавен нов конкурс за прием на 200 нови војници. Во изминатите три години биле примени 630 професионални војници. Министерката за одбрана Шекеринска при свечениот прием на новите војници најави учество во мисиите на НАТО на Косово и во Централна Африка.

70 професионални војници станаа дел од Македонската армија. Интересот да се биде дел од вооружените сили бил рекорден, конкурирале 750 кандидати. Зголемениот интерес се должи на примот во НАТО, подобрување на условите за служба и усвојувањето на новиот Закон за служба во Армијата, со кој доброволното служење на воениот рок не е веќе услов за пријавување на кандидатите. Сепак, поголемиот дел од првата генерација кандидати кои најпрвин конкурираат, а потоа поминуваат обука за професионални војници, претходно доброволно го отслужиле воениот рок.

„Армијата се развива, јакне, и она што е најважно како што гледаме денеска нашата Армија се подмладува. Вие денеска станувате дел од најценетата, најпочитуваната институција со најголема доверба во нашата држава“, рече министерката Шекеринска.

Обуката на новите војници ќе се извршува дома, а потоа следува усовршување во армиите на сојузничките држави, САД, Британија, Германија, Турција, Италија.

„Во следниов период ги зголемуваме и бројот на наши припадници во мисии. Освен онаа во Авганистан каде обично праќавме поголем број на припадници, и која по бројка ќе се намалува, сега веќе подготвуваме напш припадници да заминуваат во нашиот регион, на Косово да се приклучат на КФОР операцијата на НАТО, но и Централната Афричка Република“, изјави министерката за одбрана.

Годинава поради пандемијата и изборите во земјава, приемот на нови професионални војници беше одложуван. Во наредните денови, министерството за одбрана ќе распише нов конкурс за прием на уште 200 професионални војници.

 

Ирина Гелевска