Пановски: Вработените не се заразиле во градинките

12.09.2020 16:47

„Вирусот не е од градинките, вработените претходно се заразиле“, оценува микробиологот Никола Пановски по последниве случаи. Негов став е дека згрижувањето на децата требало да се случи и порано, бидејќи условите го дозволувале тоа, а протоколите се соодветни за ситуацијата со којашто се соочуваме...

Негувателките со коронавирусот биле инфицирани уште пред да се отворат градинките - оценува микробиологот Пановски. Вели, ова е очекувано и ќе се случува, бидејќи во земјава има речиси 2.000 позитивни со Ковид-19. Случаите на заразени вработени во детските установи не треба да ги плашат родителите, професорот објаснува оти во градинките има многу поопасни вируси и бактерии за децата од коронавирусот, па тие работеле.

„Оние деца што прв пат одат во градинка повеќе се дома отколку во градинка. Тоа е начин да се имунизираат, ако седат вака одделени што ќе биде кога ќе помине пандемијава, не знам. Тоа ќе биде страшно. Замислете дека сите деца седат дома и одеднаш се среќаваат со огромен број на вируси, вака со градинката децата стануваат отпорни. Ако не се отворат сега ќе се отворат на пролет, што е разликата, нема да има никаква разлика“, вели микробиологот, проф. д-р Никола Пановски.

Скринингот на вработените во градинките е скапа инвестиција со мал ефект и тоа не значи дека тие ќе бидат заштитени од вирусот. Децата пак, вирусот најчесто го минуваат како настинка или без симптоми.

„Сега кога ќе почнат настинките кај децата, нема да се знае што е што. Со овие протоколи ќе нема ни настинки. Целата работа е дали децата евентуално можат да го пренесат вирусот од градинка кај бабите и дедовците, па и кај родителите, ако имаат некоја хронична болест. Инаку за самите деца нема опасност, нема поголема опасност отколку од други вирусни и бактериски болести“, нагласува д-р Пановски.

Детските установи требало да се отворат уште во мај, вели професорот Пановски, посочувајќи дека тоа го дозволувале и временските услови, просториите да се проветруваат, а децата да играат на отворено.

 

Андријана Атанасовска