Структури од Интегра преминаа во ВМРО-ДПМНЕ

Окрупнување на опозицискиот фонт

14.09.2020 09:54

Со трансфер на дел од раководството на Интегра, Мицкоски најавува окрупнување на опозицискиот фронт. Според екс- потпретседателот на Интегра, Зафировски, лидерот Љупчо Ристовски партијата ја претворил во секта. Од таму демант- ние сме единствени и сплотени, а Зафировски бил разрешен поради морална грешка.

Дел од досегашните раководни структури на Интегра преминаа во ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот потпретседател Воислав Зафировски образложи дека ваквата одлука ја донеле со цел окрупнување на десницата. Тој, на заедничката прес-конференција со Христијан Мицкоски, го обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски дека за време на изборите одработил за актуелната власт и ја претворил партијата во секта.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го обвини Ристовски дека бил финансиски мотивиран од други политички партии за да и направи штета на опозицијата. Тој најави опозициски фронт против актуелната власт.

Од Интегра, пак, со поиаков став. Велат – никакви раководни структури на партијата не преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, тоа било само болна желба во умовите на удбашки структури меѓу нив. За екс- потпретседателот Зафировски пак велат – разрешен бил поради преминат праг на морална грешка.

Од партијата посочуваат дека освен Зафировски кој бил разрешен,  двајца други носители на листи поднеле оставки. Оттаму велат дека нивното лидерство е единствено, сплотено и ревносно да го продолжи независниот стратегиски правец на политичката сцена.

Се огласија и од СДСМ. Оттаму велат дека Мицкоски врши упад во други политички партии за да не го исполни неговото ветување дека ќе поднесе оставка ако не успее да состави влада. Според Социјалдемократите, најавата за формирање опозициски блок е обичен блеф на Мицкоски.

 

Марија Котовска