Собрание

Нема двотретинска поддршка за одлуките за прогласување вонредна состојба

30.09.2020 14:55

Прекината седницата за одлуките за прогласување вонредна состојба од претседателот Пендаровски. Утврден само дневниот ред. Нема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека Пендаровски ја злоупотребил ситуацијата за политички цели. За да бидат потврдени одлуките, потребно е двотретинско мнозинство...

Без двотретинска подршка се петте вонредни состојби кои ги прогласи претседателот Пендаровски поради корона кризата. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ смета шефот на државата ја злоупотребил ситуацијата за политички цели. По координацијата пратеникот Антонио Милошоски соопшти дека ВМРО – ДПМНЕ ќе гласа против одлуките на Пендаровски кои Собранието сега треба да ги верификува.

Од СДСМ нема двоумење за поддржка на одлуките, бидејќи биле неопходни за справување со ковид кризата.

Собранискиот спикер Џафери само ја отвори собраниската седница, но пред да почне расправата за вонредните состојби, ја прекина седницата, информиран дека за нив нема двотретинско мнозинство.

„Претседателот Пендаровски ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба во согласност со Уставот, се одржуваа седници на Советот за безбедност, и средби на претседателите на политичките партии, на кои се изгради недвосмислен политички консензус за прогласување вонредна состојба. Посебно сакаме да нагласиме дека Уставниот суд ја потврди уставноста на одлуките што ги донесе претседателот Пендаровски“- велат од Кабинетот на шефот на државата.

 

Миле Ристески