Штип

Наставата на далечина недостапна за најголем дел од учениците со пречки во развојот

30.09.2020 15:07

Настава на далечина од утре ќе има и во државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ во Штип. Наместо националната платформа која според управата на училиштето е сложена за работа на учениците со интелектуална попреченост, ќе се користат други едукативни платформи. Само тројца од 51 ученик во „Искра“ имаат компјутер, а 17 немаат пристап до интернет...

Крајно ограничени се можностите и способностите за следење онлајн настава во средното училиште за деца со умерени пречки во развојот во Штип, едно од двете вакви училишта во државата.

Став на надлежното министерство е дека е голем здравствениот ризик и за учениците кои секојдневно патуваат на настава и за оние кои се интернатски сместени во училиштето да имаат настава со физичко присуство. За тоа од утре почнуваат онлајн.

Во „Искра“ се едуцираат и рехабилитираат ученици со пречки во развојот од 20 општини и 31 населено место. Голем дел доаѓаат од социјално загрозени семејства, повеќе од половина од учениците или нивните родители, немаат можност за електронска комуникација.

Дел од родителите сметаат дека настава со физичко присуство може да имаат барем децата кои не се интернатски сместени во „Искра“ бидејќи на сите им недостига социјалниот момент.

Славица Величковска