Царовска: Утре почнува новата учебна година, очекуваме успешен процес

30.09.2020 15:22

Утре почнува новата учебна година. Физичко присуство за 600 училишта, за преостанатите онлајн. Успешно е завршена обуката на наставниците за користење на платформата, вели министерката Царовска. Сојузот на средношколци најави, почетокот со учење од далечина, но бараат комбинирана настава. Ако не се случи тоа во ноември, можен е бојкот на наставата...

На ден пред почетокот на новата учебна година, министерката уверува дека ќе имаме успешен старт на процесот. „Ќе има предизвици, падови и станувања, но потребно е заедно да одиме низ целиот процес“, вели Царовска. 30-те национално обучувачи работеле со 1.600 наставници, коишто понатаму го пренеле знаењето за користење на онлајн платформата на своите колеги во училиштата.

„Платформата е креирана во услови на глобална пандемија, но со цврста определба истата да остане и во иднина и да претставува цврста основа за интегрирање на останатите процеси од образовниот систем“, велат од работниот тим што ја развива алатката.

И додека надлежните веруваат во успешен процес, Сојузот на средношколци се закани со бојкот на наставата од ноември, доколу во октомври епидемиолошката состојба остане стабилна, а институциите не дозволат комбинирана настава.

Децата кои немаат уред ќе можат да следат настава преку Јавниот сервис. Дополнително, училиштата кои имаат услови можат да обезбедат по едно до две деца, кои немаат услови за онлајн настава, да ја следат во училница.

 

Ана Јосифоска- Тородовска